Нова Македония недела, (седми дел) број 23636 | сабота 12.12.2015
Една од целите на бугарската македонско-одринска револуционерна организација (цел еднакво битна како и отпорот против Османлиите) била борбата против странските пропаганди: грчката и српската. Во минатото продолжение наведов само неколку примери за крволочноста со која комитите и андартите (односно егзархистите и патријаршистите) се пресметувале едни со други. Нешто подоцна во овие оружени судири ќе влезе и третата страна: четничките одреди на србоманските војводи Јован Бабунски, Мицко Крстевски и Јован Довезенски (на војводата Мицко дури ќе му успее да го грабне и да го држи во едномесечно заложништво основачот на револуционерната организација, Дамјан Груев лично!).
Ваквите бугарско-грчко-српски пресметки што се одвивале на една иста територија, меѓу едно исто родово и крвно поврзано (но верски и етнички разделено) словенско население, нашата историографија сосема произволно го објаснува како резултат на влијанието на соседните држави врз нашиот народ. Ова звучи како точно (бидејќи влијанија и тоа како имало, и сите до едно биле дел од стратегиите за проширување на соседните кралства и кнежевства), но сепак – не е докрај точно. Имено, македонските историчари како намерно да испуштаат да кажат на кој тоа „наш народ“ се однесува оваа теорија. Или дозволете ми нештата да ги наречам со вистинско име: како да сакаат да замижат пред фактот дека тој народ, од кој без никакво сомневање ние денес потекнуваме, го немал идентитетот што ние денес го имаме. Технички речено: не бил еден „наш“ народ, туку припаѓал на три (па и повеќе) различни народи. Таквата поделба, за нас колку и да е болна, сепак не била нелегитимна: ако еден тогашен охриѓанец се чувствувал како македонски Бугарин затоа што потекнувал од престолот на древна Бугарија, зошто и некојси си скопјанец да не можело да се чувствува како јужносрбијанец, роден во престолнината на Душановата Србија?
Можеби ние денес можеме да му се потсмеваме на националното помодарство и на едниот и на другиот (бидејќи ниту скопскиот дијалект бил сличен со српскиот, ниту пак охридскиот бил сличен со бугарскиот книжевен јазик), но не можеме нивната припадност да ја оспориме – бидејќи станува збор за лично чувство и лична одлука. Оттаму, само делумно се во право бугарските историчари кога тврдат дека деветнаесетвековните Македонци биле Бугари. Да, таквото толкување може да се однесува на мнозинството од словенското население во Македонија – но не на сето население, бидејќи имало и такви Македонци што биле Срби, такви што биле Грци, па дури и такви што биле Турци. И не ретко тие македонски Бугари, Срби, Грци или пак Турци да потекнувале од иста баба или прабаба. Ова, колку и да звучи шизофрено, не е без преседан во светската историја: доволно е да се присетиме на судирот помеѓу католиците и унионистите во Северна Ирска, или пак на актуелната ситуација во Украина, поделена помеѓу индепендистите и русофоните.
Ваквата поделба ќе ја забележат некои германски картографи и демографи од тоа време, кои ќе направат дистинкција помеѓу Србите и србомакедонците, како и меѓу Бугарите и бугаромакедонците. Чекор понатаму ќе отиде рускиот славист Петар Драганов (инаку етнички Бугарин од Бесарабија), кој Македонија ќе ја определи како одделна етнографска целина, а словенскиот македонски говор како посебен македонски јазик. На домашен терен ова ќе коинцидира со „Тријазичникот“ на Ѓоргија Пулески, во кој тој Македонците ќе ги претстави како посебен народ што живее на посебна територија („Македонците се народ и местото њивно је Македонија“), како и со „расколничкото“ дејствување на скопскиот митрополит Теодосиј Гологанов, кој заговарал отцепување на македонските епархии од Бугарската егзархија и формирање на Охридска архиепископија како национална црква на македонските Словени.
Тие размислувања за македонска посебност воздржано ќе бидат поддржани и од страната на Австро-Унгарија (која не посакувала понатамошни територијални проширувања ниту на Србија ниту на Бугарија на територијата на Македонија), па оттаму и не е случајна изјавата на Борис Сарафов, кој во тоа време бил чест гостин по виенските салони, за тоа дека „македонскиот народ постои посебно од бугарскиот и српскиот“. Конечно, разочаран од пропаста на Илинденското востание, Крсте Петков Мисирков во своето дело „За македонцките работи“ одделувањето на Македонците во посебен етнос ќе го прогласи за политичка нужност, без која на Македонија ѝ следува поделба. (Интересно е дека до слични сознанија доаѓа и Јане Сандански, деклариран како македонски Бугарин, кога вели: „Тие што ќе дојдат да нѐ ослободат, всушност ќе нѐ поделат!“.)
И тука доаѓаме до уште една голема, патетична лага на македонската историографија: онаа за соседните гладни волци што не поделиле, Големите сили што им помагале, како и вавилонската блудница Европа, која на таквата поделба со Букурешкиот и Версајскиот договор и дала легитимитет. Во стварност, поделбата на Македонија ќе се случи со огромна поддршка на домашното население, навивачки определено за едната, другата или третата страна во судирот. Факт е дека во српскиот терор во Вардарска Македонија учествувале и четничките војводи од Македонија, како што е факт и дека Охридското и Тиквешкото востание биле кренати за дел од Македонија да се отцепи од Србите и да им се приклучи на Бугарите. Кога грчката војска ќе го запали Кукуш и ќе го протера неговото словенско егзархиско население, таа воена акција ќе биде проследена со аплаузи од патријаршискиот, исто така словенски дел на градот. Денес никој не може да негира дека Србија, Грција и Бугарија алчно тргнале во воен поход по нови територии – но не можеме да ги обвиниме ниту за окупација на Македонија (бидејќи таква држава дотогаш не постоела), ниту пак за окупација на македонскиот народ (кој во тоа време исто така не постоел). Но постоела Македонија како географска целина и постоел народ што ја населувал – и тој народ прекуноќ се нашол разделен со граници.
Со оглед на тоа дека ниту една од балканските земји немала капацитет сама да тргне во поход против Отоманската Империја, нивниот воен сојуз веројатно бил единственото решение за протерување на Турција од Балканот. Но овде би сакал да изведам два лични заклучоци за таа војна. Прво, сметам (и можеби не сум осамен во тоа мислење) дека, ставајќи потпис на тајните договори за поделба на Македонија, Бугарија ќе потпише договор со ѓаволот и засекогаш ќе го загуби моралното право да зборува во името на оние што се декларираат како „македонски Бугари“ (бидејќи како да ги застапуваш правата на луѓето од кои во одделни региони доброволно си се откажал?). И второ, со својата безрезервна поддршка на бугарската страна во поделбата на Македонија, ВМОРО целосно ќе го загуби легитимитетот да зборува за идејата „Македонија на Македонците“.
Што нѐ доведува до дилемата: дали тоа славно и мудро ВМОРО навистина било така славно и мудро? За ова нешто повеќе наредната саботa.